Руските научници го откриле потеклото на мистериозниот кратер откриен на полуостровот Јамал во Сибир во 2017 година, пренесува „Спутник“.
Резултатите од истражувањата покажале дека тој се создал поради емисиите метан што може да се последица на глобалното загревање, пишува магазинот „Гео сајенс“.
Експертите собрале податоци во текот на експедицијата во долината на реката е Јоркута-Јаха во јуни 2017 година, во текот на која било вршено набљудување и земање примероци од вечниот мраз од дното на кратерот.
Примероците биле проверувани за присуство на јаглероден диоксид, метан и други гасови.
Овој феномен е поврзан со емисијата гасови од земјата што се ослободуваат со топењето на вечниот мраз. Резултатите од истражувањето покажале намалена концентрација на метанот во споредба со јаглеродниот диоксид. Во овој случај, гасот се појавил од подлабок извор.
Научниците дошле до заклучок дека кратерот на Јамал се создал како последица на различни процеси кои се одвивале на голема длабочина и во близина на површината.
Метанот се собирал во слоевите земја кои не мрзнат, а се нарекуваат талик, додека таликот бил опкружен со мраз. Поради акумулирањето на гасот, притисокот во природната комора се зголемувал сè додека не дошло до експлозија проследена со ерупција на вода и мраз.