Откривањето на нова двојка мајмуни од видот хајнански гибон дава надеж за опстанок на овој најредок вид примати, кој се наоѓа на списокот на стоте најзагрозени видови и беше на работ на истребување.
Поради уништување на шумите и ловокрадството, овој вид мајмуни денес живее исклучиво во дел од шумата на кинескиот остров Хајнан.
Во педесеттите години на минатиот век во светот имало околу 2.000 од нив, но во текот на 70-тите тој број опаднал на само десет, пишува Би-би-си.
Според последниот попис, за трипати е зголемен бројот на хајнански гибони (Nomascus hainanus), што значи дека сега се 30, кои живеат во пет одделни групи.
Ваквото закрепнување на загрозениот вид е резултат на напорната работа на луѓето кои работат на проектот за зачувување на хајнанските гибони. Проектот го водат фармата Кадори и ботаничката градина во Хонгконг.
„Не можам ни да замислам како би изгледале шумите кога би ги изгубиле овие прекрасни животни и нивното убаво пеење“, вели Филип Ло, експерт за заштита на животните.
Познато е дека гибоните се движат многу грациозно низ крошните на дрвјата, испуштајќи гласни крикови за обележување на нивната територија. Возрасните гибони обично „пеат“ во двојки за време на зората, со што ги зајакнуваат своите врски.
Гибоните живеат во заедници или семејства кои обично се состојат од еден мажјак, две женки и нивното потомство. Откривањето на петтата двојка што е засебно семејство влева надеж дека овој вид примат нема да исчезне.
Поврзани артикли