MSI во текот на годинашниот CES саем претстави неколку лаптопи, како за гејмери, така и за креативни проферсионални корисници. Меѓу нив беше и Creator 17 моделот. Компанијата сега го објави Creator 15, помал лаптоп за креатори, кој има слични спецификации како поголемиот модел, со исклучок на Mini-LED дисплејот.
Creator 15 користи осмојадрен Intel Core i7-10875H процесор и Nvidia GeForce графичка картичка од GTX 1660 Ti до RTX 2080 Super Max-Q моделот. Достапни се два RAM слота за максимални 64GB меморија и два M.2 слота за SSD складирање. Батеријата од 99.9Whr ветува до девет часови работа.
Со оглед дека им е наменет на креаторите на содржини, дисплејот е главниот фокус на Creator 15 лаптопот. Можно е да се креира конфигурација со до 4K IPS екран, со 100% Adobe RGB покриеност и Delta-E<2, со висока прецизност на приказот на боите. MSI ова го нарекува True Pixel дисплеј, но тој е опционален. Можно е да се избере и Full HD опција со или без осетливост на допир.
MSI не ја објави цената и достапноста на Creator 15 лаптопот.