„Аџибадем Систина“ воведува можност за онлајн консултации
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ воведува електронски пристап до дел од здравствените услуги што ги нуди.Врвни доктори од областа на диетологија, дерматологија, нефрологија, ревматологија, онкологија, нуклеарна медицина, оториноларингологија, педијатрија, психијатрија и естетска, пластична и реконструктивна хирургија отсега се достапни за пациентите и преку видеоврска. Преку онлајн консултациите пациентите ќе можат да добијат здравствена услуга и совет од нашите доктори специјалисти.
Ваквата новина во болницата се воведува како одговор на потребите на пациентите кои не се во можност физички да ја посетат болницата, а кои имаат потреба од совет или консултација за одредена здравствена состојба. Оваа медицинска услуга станува неопходност за пациентите пред сè и поради ограниченото движење на граѓаните во услови на пандемија со коронавирусот Ковид-19.
Видео-консултациите предвидено е да траат 20 минути, претходно истите треба да бидат закажани во контакт-центарот на болницата на телефонскиот број 02 3099 500, од каде ќе бидат дадени сите детали за услугата.
Онлајн прегледот се состои од совети и препораки од страна на докторот со цел да се спречи посериозно заболување кое може да се појави при одложување на процесот на поставување дијагноза или одложување на лекувањето. Врз основа на тегобите што ги чувствува пациентот, докторот може да предложи соодветна терапија или доколку има потреба да побара да се направат дополнителни испитувања или да предложи прегледот да продолжи во болница.
По извршената онлајн консултација, секој пациент на претходно посочена електронска пошта од негова страна, добива соодветен лекарски извештај за здравствената состојба. Услугата е достапна и за пациентите од земјава и надвор од нејзините граници и истата ќе може да се одвива на македонски, англиски и албански јазик. Плаќањето се врши преку онлајн банкарство.
Поврзани артикли