Шведското истражување покажа дека, до крајот на април само 7,3 отсто од жителите на Стокхолм развиле антитела на коронавирусот, што би можело да ги зголеми стравувањата дека одлуката да не се затвори Шведска поради коронавирусот нема толку брзо да доведе до колективен имунитет.
Оваа стратегија ја заговараше главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој дал препорака да се користат доброволни мерки против ширење на вирусот, за разлика од другите земји кои воведоа задолжителни мерки и карантин.
Со тоа во Шведска повеќето училишта, ресторани, кафулиња и деловни објекти останаа отворени, дури и додека поголемиот дел од Европа беше затворен. Бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Шведска е многу поголем отколку во другите нордиски земји, иако е помал отколку во земјите како Велика Британија, Италија и Франција.
Бројот на пациенти на интензивна нега во Шведска се намалил за една третина, откако кон крајот на април го достигна својот врв, а здравствените власти тврдат дека епидемијата забавува. Меѓутоа, оваа земја во последните седум дена забележа најголем број смртни случаи по глава на жител во Европа.
Целта на истражувањето на антителата била да се утврди дали постои потенцијал за колективен имунитет, односно дали доволен број жители развиле имунитет со што заразата би престанала да се шири. Резултатите од истражувањето го изненадиле професорот Том Бритон кој велел дека колективниот имунитет ќе се изгради во текот на мај, но подоцна ја поместил прогнозата за јуни.
“Ова значи дека можеби мојата прогноза била потполно погрешна”, рекол Бритон, додавајќи дека сега не е ни сигурно дека сите заразени ќе развијат антитела.
Шведската здравствена агенција изјави дека резултатите од тоа истражување се совпаѓаат со нивните модели дека е заразена речиси една третина од Стокхолм, објаснувајќи дека студијата е спроведена пред многу време, така што болеста во меѓувреме уште повеќе се проширила.
“Тоа е нешто помалку отколку што очекувавме, но не многу, можеби за еден до два процентни поени”, изјавил Тегнел.
Но, концептот на колективен имунитет сè уште не е испитан во однос на коронавирусот и не се знае колку трае имунитетот од инфекција кај оздравените пациенти. Истражувањето било направено врз основа на 1,1 милион тестови од цела Шведска, а објавени се само бројките за престолнината.
Од шведското здравство истакнуваат дека колективниот имунитет не е цел сама по себе, туку дека целта на стратегијата е да се забави ширењето на вирусот за да не го преплави здравствениот систем, но не и негово целосно сузбивање.
Шведските експерти тврдеа дека државите кои вовеле целосен каратин за да спречат изложеност на вирусот се доведуваат во опасност од повторно избивање на заразата.
СЗО предупреди државите да не се ослонуваат на создавање на колективен имунитет. Минатата недела, организацијата извести дека светските истражувања покажуваат дека антителата биле пронајдени кај мал број луѓе (помеѓу 1 и 10 отсто од популацијата), што се поклопува со неодамешните резултати во Шпанија и Франција.
Помеѓу критичарите за пристапот на својата држава е Бјорн Олсен, професор по заразни болести на универзитетот во Упсали, кој смета дека концептот на колективен имунитет е опасен и нереален во случајот на коронавирусот.
“Мислам дека колективниот имунитет е далеку од нас, ако некогаш и воопшто го постигнеме”, рекол професорот.
Во Шведска моментално се заразени повеќе од 31.000 лица, а починале 3.831, што е три пати повеќе од бројот на смртни случаи во Данска, Норвешка, Финска и Исланд.
Извор: Kurir.rs
Поврзани артикли