Доколку по природа сте општествено одговорни, тогаш веројатно веќе практикувате да го селектирате отпадот кој го создавате. Но, за навистина да придонесете за почиста и поздрава околина, треба да започнете со тоа што ќе го намалите количеството на отпад кое го продуцирате секојдневно.
Управувањето со отпадот доведе до формирање на тн. „хиерархија на отпадот“, која се состои од три чекори: 1. Намалување на отпадот; 2. Реупотреба; и 3. Рециклирање. Со право, рециклирањето на отпадот доаѓа на трето место бидејќи првите два чекори ги опфаќаат постапките кои се во ваша моќ, а со кои можете да ја намалите емисијата на отпад во заедницата во која живеете.
Како да го намалите отпадот кој го создавате?
Првиот чекор е всушност најефективниот и најважниот од трите кои се наведени во хиерархијата на управување со отпад, бидејќи тој директно делува на останатите два процеси. Логиката зад него е многу едноставна – колку помалку отпад произведувате, толку помалку отпад ќе треба да реупотребите или рециклирате. Овој процес започнува со тоа што ќе идентификувате што најчесто користите и како ги користите материјалите во секојдневниот живот. Потоа, најдете начин како да го елиминирате создавањето на непотребен отпад. Практични начини да го направите тоа се:
Користете платнени наместо хартиени крпи за бришење, бидејќи тие можат да се исперат и да се реупотребат неколкупати
Избегнувајте купување на производи кои се спакувани во непрактични пластични и хартиени амбалажи или непотребно завиткани во фолија, бидејќи тоа е отпад кој не може да се пренамени во друга употреба
Купувајте производи кои имаат голема издржливост, не само поради финансиската заштеда, туку и за да ги зачувате суровинските извори (алкални батерии, висококвалитетни електрични уреди и сл.)
Не користете еднократно употребливи садови, чаши или салфетки, бидејќи тие создаваат најмногу отпад, а многу мал дел од нив може да се реупотреби.
Грижата за околината и животната средина во консумерско општество е вистински предизвик и затоа е потребно да бидеме исклучително претпазливи околу начинот на кој ги користиме суровинските извори, бидејќи тие се со ограничен квантитет, а немаме резервна планета од која можеме да „позајмиме“ повеќе. Еколошката одговорност е заедничка, но започнува од индивидуалниот придонес на секој еден од нас.
Ако се придржувате до водење на одржлив и општествено одговорен живот, ќе најдете начин како да ја намалите количината на отпад која ја создавате. Доколку тоа ви успее, тогаш наредните два чекори од хиерархијата на управување со отпад ќе ви бидат само начин на кој ќе се ослободувате од „вишокот“ во вашиот живот.
Колку и да се придржувате до овие препораки, на крајот од денот сепак ќе ви остане ѓубре од кое мора да се ослободите. Но, затоа постои третиот чекор – рециклирање, што претставува механизам преку кој ќе му дадете нов живот на суровинскиот материјал.
Откако ќе го соберете и сортирате отпадот, побарајте го најблискиот контејнер на Пакомак и одложете го отпадниот материјал во него. На повеќе места во нашата земја, Пакомак постави контејнери во различни бои, во зависност од отпадот кој се одложува во нив – жолт контејнер за хартија, зелен игло-контејнер за стакло, а синиот за хартија. Со цел да ви помогне во потрагата, Пакомак направи мапа на која можете точно да ги лоцирате нивните контејнери.