Електрониката „носи“ скоро половина од вредноста на возилото
Автомобилите сè повеќе стануваат компјутери на тркала и тоа значително ги зголемува трошоците за нивно производство, а со тоа и крајната цена за купувачите. Во извештајот составен од Deloitte стои дека автомобилската индустрија драстично се променила за помалку од две децении. На пример, во 2004 година, само 25% од автомобилите имале воздушни перничиња, а многу помалку од 50% имале електрични прилагодливи седишта.
Оттогаш, бројот на електронски компоненти во автомобилите значително се зголемил, што делумно се должи на наметнатите современи регулативи за безбедност. Во извештајот се истакнува дека пред 15 години, помалку од 20% од возилата биле опремени со работи како што се контрола на стабилноста, странични воздушни перничиња, рецептори за притисок во гумите, сензори за паркирање и системи за следење на слепите точки. Веќе во текот на 2017 година, повеќето од овие системи се интегрирани во повеќе од 80% од сите патнички возила во светот.
Секако, безбедносните апликации се само дел од модерната технологија кај новите автомобили. Современите возила се опремени со широк спектар на електроника, вклучително прилагодлив темпомат, ретровизори со автоматско затемнување и преклопување, мултимедијални инфо-забавни системи и екрани, можности за отклучување и активирање на возилото без клуч, пасивно отворање на вратите…
Поновите автомобили исто така може да се пофалат со голем број функции за заштеда на гориво, како што се технологии за деактивирање на цилиндрите, старт-стоп системи, како и хибридни или електрични погони, кои сè повеќе имаат удел во пазарот.
И, додека никој не негира дека современите автомобили се далеку понапредни од нивните претходници, малку се зборува за тоа колку новите технологии всушност ги зголемуваат трошоците за производство и цената на возилата. Како што пренесува Deloitte, електрониката учествувала со 18% од вкупните трошоци за производство на патнички возила во 2000 година, околу 20% во 2005 година, а сега над 40%!
Цената за имплементација на електронска опрема во патничките возила се очекува да достигне 45 проценти, а можеби и над 50 проценти, до крајот на деценијата. Попрецизно, компанијата во извештајот вели дека цената на полупроводниците, материјалите потребни за електронските компоненти, скокнала од околу 288 евра во 2013 година на околу 369 евра по возило денес. Се очекува оваа сума во просек да биде над 550 евра за само две години.
Не е премногу тешко да се заклучи дека трошоците за производство се зголемуваат затоа што возилата сега доаѓаат со напредни системи за безбедност, напредни погони, повеќекратни системи за инфо-забава, дисплеи со високи резолуции и полуавтономна технологија за возење. Бидејќи ова последното станува се почеста појава и како производителите на автомобили се натпреваруваат да постигнат највисоки можни нивоа на автоматизација, односно автономно возење, со високо ниво на безбедност, трошоците што ги носи високата технологија и нејзините електронски компоненти веројатно ќе се зголемат и многу повеќе.
Ова не е за изненадување, но може да биде вознемирувачко, особено за нашиот пазар. Прво, бидејќи сè уште купуваме повеќе користени автомобили во кои многу од овие технологии биле во нивната прва или „тест“ генерација, па дефектите и трошоците за поправка се чести. Второ, новите високо-технолошки автомобили со зголемени трошоци за производство и крајна цена, сè уште се или недостапни или тешко може да „пробијат пат“ до просечниот македонски купувач на автомобили.
Извор: Додај Гас
Поврзани артикли