Светската здравствена организација (СЗО) вчера го пофали шведскиот одговор на пандемијата на коронавирусот.

Доктор Мајк Рајан, извршен директор на СЗО, цврсто го бранеше пристапот на оваа скандинавска земја, која се најде на критики од јавноста за благите мерки што ги воведе поради пандемијата.

Според најновите податоци, Шведска има нешто повеќе од 20.000 потврдени случаи на коронавирус и над 2.400 смртни случаи.

Како што е познато, Шведска се определи за многу полиберални мерки, односно не наметна воведување рестриктивни мерки за движење, туку дозволи работа на кафулињата, рестораните и слични дејности, што луѓето продолжуваат слободно да ги посетуваат.

„Мислам дека постои перцепција оти Шведска доволно не ги контролира мерките и дека едноставно властите дозволиле болеста да се шири“, рече Рајан.

„Ова е многу далеку од вистината. Шведска воведе многу силна политика за јавно здравје, физичко дистанцирање на луѓето, грижа и заштита за оние во болниците и другите институции“, додаде тој.

„Она што тамошните власти го направија поинаку е дека се потпреа на нивниот однос со граѓаните, односно на подготвеноста и свеста кај граѓаните да држат физичко растојание и да се саморегулираат, ако сакате да го искористиме и тој збор“, продолжи Рајан.

Тој го опиша шведскиот пристап кон коронавирусот како партнерство со граѓаните.

„Ако сакаме да постигнеме враќање во нормала, Шведска на многу начини ќе биде модел за иднината доколку целта е да се вратиме во живот без карантин“, рече тој во Женева.

Неговиот говор можете да го видите во видеото подолу, а почнува од 43. минута.