Набрзо по американската забрана за продажба на американска технологија на Huawei, кинескиот гигант забрзано ја развива својата технологија, а нивниот чип за паметни телефони веќе сега доминира на кинескиот пазар.

Чипот за мобилни телефони Kirin, произведен во филијалата на Huawei – HiSilicon, прв пат стана најкористен чип во Кина, сочинувајќи дури 43,9 проценти од кинескиот пазар, стои во извештајот на консултантската компанија CINNO.

Технологијата на американската компанија Qualcomm за прв пат не е најдоминантна во Кина, од минатогодишните 48,1 веќе сега се спушти на 32,8 проценти, а падот веројатно и ќе продолжи. MediaTek е на 13,1 процент, а Apple на 8,5 проценти.

Продажбата на телефони во Кина во првите три месеци паднала за дури 44,5 проценти, но пазарниот удел значително се зголемил баш на Huawei, кој од минатогодишните 28,7 проценти го подигнал уделот на 36,9 проценти, според податоците на кинеската академија за информатички и комуникациски технологии.