Американската компанија Apple годинава ќе ги промовира новите модели на iPhone со задоцнување од еден месец, соопшти денеска Волстрит журнал.
Повикувајќи се на извори од компанијата, весникот дознава дека задршката на производството на новите модели iPhone се должи на привремената пауза во работата на фабриките поради коронавирусот.
Како што претходно посочија некои медиуми, во 2020 година Apple планира да претстави на пазарот четири паметни телефони. Два ќе бидат сосема нови модели на iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max, додека уште два ќе бидат усовршена верзија на основните модели на iPhone 11.
Традиционално, Apple новите смартфони ги промовира во септември, но годинава настанот ќе биде поместен за неколку недели, иако се планира да се случи наесен, јавуваат изворите.
Новите телефони ќе бидат опремени со петта генерација брзина на трансфер на податоци (5Г) технологија, и 3D Lidar камери како кај новите таблет уреди iPad Pro.