Не знаме дали Швеѓанецот Макс Бјорверуд поминува премногу време дома или во тоалет, и дали поради коронавирусот непотребно претерано се опремил со тоалетна хартија, но она што го направил е прилично креативно и забавно.
Бјорверуд во својот тоалет инсталирал дури осум дополнителни држачи за ролни тоалетна хартија и во нив поставил сензори. Нив, пак, ги приклучил на Raspberry Pi и малку се позабавувал со програмирањето за на крајот да добие – „певлив тоалет“, односно WC хартија во необична улога на музички инструмент.
Во ова купатило во Стокхолм е можно да се засвири со повлекување на хартијата од избраната ролна, а секоја од нив произведува поинаков звук. Тој секако е електронски генериран и имитира оргули. Малку повеќе детали за проектот објавија на веб-страницата Hackaday.
Секоја од овие ролни хартија е поставена на посебен сталак изработен со 3D печатење, во кој се наоѓа мал магнет. Во позадина на секој држач е сместен сензор, кој мери брзо се свртува ролната, отприлика на принцип на работата на брзиномерот кај велосипедите. Податоците од сензорот одат во Arduino Mega плочката, која пак ги проследува до мини компјутерот Raspberry Pi Zero. Таму настанува „магијата“, односно одмотувањето на хартијата се претвора во звук.
Како функционира и звучи ова чудо можете да видите и слушнете во видеото на авторот: