По повеќегодишно исчекување, музичката стриминг услуга на Apple им е достапна на корисниците во Македонија по цена од 5,99 долари месечно, со бесплатен пробен период од шест месеци.
Конечно една извонредна вест за корисниците на iPhone и другите Apple уреди во Македонија. Apple од 20. април ја активираше достапноста на својата музичка стриминг услуга Apple Music за Македонија, по повеќегодишното чекање овој сервис да стане достапен и во нашата земја.
По вчерашната објава дека Apple Music сега може да се користи и преку веб интерфејс, забележавме дека и кај нас се нуди бесплатно користење од шест месеци на услугата, па решивме да ја испробаме. Се покажа дека тоа е вистина: Apple Music може да се активира за половина година бесплатно пробно користење, по што месечната претплата ќе изнесува 5,99 долари.
Можно е да се избере и семеен план, во кој на истата претплата може да слушаат музика до шест членови на семејството. Цената за оваа опција е 8,99 долари месечно.
Интересно, активацијата на оваа услуга помина без големи најави и официјални соопштенија – само тивко е лансирана и овозможена за сопствениците на Apple ID сметки од Македонија. Повеќе информации за достапноста на Apple Music во нашата земја можете да прочитате и на официјалната веб-страница на iStyle Македонија, на следниот ЛИНК.
Во меѓувреме Apple објави и официјално соопштение со кое ја најавува достапноста на новите услуги ширум светот. Освен Македонија, Apple Music ќе биде достапен и во Хрватска. Остатокот од регионот (Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија) конечно доби официјална поддршка за App Store, а со тоа и пристап до останатите редовни услуги на Apple како iCloud, Podcasts и Apple Arcade.
Поврзани артикли