Електричниот велосипед на склопување HiMo H1 сега е достапен и за пред-нарачка за остатокот од светот, четири месеци по дебито во Кина.
Велосипедите кои може да склопуваат веќе не се револуционерна новина, бидејќи сè повеќе производители истражуваат опции во овој домен во обид да на велосипедистите да им понудат производ кој буквално можат да го носат насекаде, со што се минимизираат шансите тој да биде украден. На крајот на краиштата, заштитата во облик на ланец и катанец зависи само од тоа колку е крадецот посветен на тоа да го украде возилото.
Сепак, најновиот производ на Xiaomi и неговиот под-бренд HiMo, наречен HiMo H1, е сосема нешто поинакво. Тоа е електричен велосипед на склопување без педали. Како резултат на тоа, можеби е поблиску до терминот електричен скутер, кој само наликува на велосипед поради дизајнот на рамот.
Сепак, најсилниот продажен адут е тоа што концептот за склопување е подигнат на повисоко ниво, при што сопственикот ќе може да го спакува во димензии на хартија од А3 формат (420х210 mm) и да го носи во ранец.
Н1 е лансиран во Кина пред околу четири месеци, а сега е достапен за пред-нарачка и за остатокот од светот преку IndieGoGo. Во моментов, оние кои имаат шанса први да дојдат до него потребно е да издвојат 469 американски долари, плус трошоци за испорака, што е значително помалку од цената на е-велосипед од средна класа, но поскапо од просечен е-скутер.
За својот дизајн, H1 веќе доби признание и од германскиот Reddot за 2019 година, а за толку мал производ испорачува многу моќ. Се разбира, тој не е наменет за долги патувања, но е идеален за кратки урбани растојанија.
Тежок само 14,5 килограми, со погон на задното тркало, H1 се склопува до големина на кутија која може да се носи под рака или да се стави во ранец. Неговите мали димензии, исто така, го прават совршен за автомобилскиот багажник или просторот под седиште во метро. Ова практично значи отстранување на ризикот од кражба или оштетување.
Извор: Додај Гас