Една од најголемите мистерии во моменталната пандемија на коронавирусот е фактот дека болеста Ковид-19 посериозно ги напаѓа постарите лица, но доста чести се случаите на заразени помлади пациенти кои претходно биле здрави.
Во некои случаи дури по развивање на потешки симптоми на коронавирус се откриваат состојби кои дотогаш не биле дијагностицирани, но постојат и такви кои и понатаму немаат никави коморбидитети, а развиле потешки симптоми.
Постојат неколку научни теории зошто е тоа така. Некои истражувачи веруваат дека количината на вирусот кој го инфицира поединецот влијае врз потешкиот исход. Ако вирусот навлезе во организмот во голема количина, исходот може да биде полош.
Други тврдат дека за тоа е виновна генетската чувствителност, односно фактот дека постојат поединци чии гени се поранливи на вирусот кој се шири низ телото. Со оваа последна идеја се сложува и вирологот Мајкл Скинер од колеџот во Лондон.
“Можно е некои од нас да имаат поинаков генетски состав, поради што е поверојатно дека полошо ќе одговорат на коронавирусот”, вели Скинер за “The Guardian”.
Пример за таква чувствителност е вирусот на херпес симплекс. Кај некои луѓе мутацијата која влијае на клеточните рецептори познати како TLR3, во централниот нервен систем, не им дозволува да се справат со најлошото влијание на вирусот – така тие стануваат заразени со херпес симплекс енцефалитис кој може да доведе до напади и конвулзија кај децата.
“Гледаме сличен вид на подложност кај некои луѓе кои заболуваат од Ковид-19, а тоа ги доведува до потешки симптоми”, истакнал докторот.
Други, пак, сметаат дека големото оптоварување со вирусот прави да имаат повеќе вирусни честички во телото отколку оние со помало оптоварување.
“Сè уште не знаеме дали постои врска помеѓу големото оптоварување со вирусот и полошиот исход. Тоа е една од најважните работи кои сега треба да ги дознаеме”, вели Алисон Синклер, виролог на универзитетот во Сасекс.