Познатата Кеопсова пирамида вчеравечер послужи како проекциски видеоекран на кој се испишуваа пораки на единство и солидарност со оние кои се борат против коронавирусот низ цел свет.
Натписите „Чувајте се и останете дома” и „Ви благодариме што водите сметка за нашата безбедност” – блескаа во сина и зелена боја на црвена позадина на огромната египетска Голема пирамида во Гиза, меѓу другото и како благодарност и поддршка кон хероите на денешнината – здравствените работници.
Во Египет досега се забележани 656 заразени лица со коронавирус, 41 смртен случај и 150 оздравени. Пред малиот број повикани новинари, министерот за туризам и старини, Калед ел Енани изјави дека туризмот е една од најзагрозените стопански гранки во земјата, но и оти во овој миг приоритет е здравството.
Светската здравствена организација ги пофали египетските власти за реакцијата на пандемијата, оценувајќи ги мерките како „силни и прилагодени на ситуацијата”.