Израелската влада одобри итни мерки со кои и се овозможува на безбедносната агенција во оваа земја „Шин бет“, во наредниот период да има пристап до податоците на мобилните телефони на граѓаните, за да може да го следи движењето на заразените со коронавирус.
Надгледувањето на телефонот е една од најдрастичните мерки во светот која е досега донесена, поради ширењето на опасниот вирус. Како што пренесува светската агенција „Ројтерс“, израелската влада почнала да ја распоредува технологијата за следење на мобилните телефони во борбата против коронавирусот.
Владата издала и директиви со кои ги повикува луѓето да не ги напуштаат своите домови. Израелското министерство за здравство ги користи податоците за да може да ги лоцира заразените и да ги предупреди оние кои биле во нивна близина, навела владата.
Но, користењето на технологијата за борба против тероризмот со цел следење на заразените со вирусот и сите кои биле во контакт со нив, привлече голем број критики од група за заштита на граѓанските права, уште откако израелскиот премиер Бенџамин Нетанијаху ја предложи оваа мерка.
Израелските власти наведуваат дека целта е сајбер мониторинг, кој ќе биде на сила во наредниот период и ќе се користи исклучиво за спречување на ширењето на коронавирусот.