Redmi за неколку дена конечно ќе го претстави смартфонот Redmi K30 Pro. Наведениот уред требаше да биде презентиран уште на почетокот на месецот, поточно на 3. март. Но, како што се покажа, на рекламниот плакат е прикажан само месецот на претставување, а не како што се мислеше и датумот.

Досега има доста познати детали за телефонот. Се знае дека се темели на Snapdragon 865, моментно најновиот и најмоќен чип на Qualcomm за мобилните уреди, дека поддржува 5G мрежи и дека една од камерите ќе има резолуција од 64 MP.

Во пресрет на претставувањето пристигнаа и неколку нови информации за уредот. Продукт менаџерот Wang Teng објави две кратки видеа во кои се споредуваат перформансуте во однос на Honor V30 Pro. Со самото тоа, јасно е на кој конкурент целат луѓето од Redmi. Во едното видео, со помош на AnTuTu бенчмаркот ги прикажуваат сировите перформанси на уредот, а во другото со помош на Androbench ја даваат брзината на интерната, UFS 3.1 меморија.

AnTuTu покажа дека Redmi K30 Pro остварил значително поголем број бодови, со што се сугерира дека е значително подобар од смартфонот на Honor – V30 Pro. Уредот на Redmi освои 610.296 бодови, додека оној на Honor вкупно освои 489.605 бодови.