Се работи за технологија која помага во случај на несреќа да се реагира благовремено во таканаречениот златен час (првите 60 минути).
Руската државна компанија „Глонасс“ и Министерството за иновации и технолошки развој на Србија потпишаа меморандум за соработка во сферата на набљудувањето на земјата од вселената заради унапредување на состојбата во бројни области на економијата и јавната управа: градежништвото, урбанизмот, метеорологијата итн., пренесува „Интерфакс“.
Меморандумот за соработка во примената на иновации и нови технологии го потпишаа на 5 март српскиот министер Ненад Поповиќ и генералниот директор на руската државна компанија „Глонасс“ Игор Милашевски.
Потпретседателот на руската влада Јуриј Борисов објасни за новинарите дека се работи за воведување на територијата на Србија на системот за реагирање во вонредни ситуации ЕРА-ГЛОНАСС.
„Оваа технологија помага во случај на несреќа благовремено да се реагира во таканаречениот златен час (првите 60 минути). На тој начин се спасуваат луѓе кои се нашле во тешка ситуација“, рече Борисов.
За скоро воведување на системот ГЛОНАСС во Србија министерот Ненад Поповиќ зборуваше во ноември 2019 година на конгресот „ЕРА-ГЛОНАСС“.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли