Google одлучи да ја откаже својата годишна програмерска конференција I/O, најважниот настан на компанијата во годината, а причина е ширењето на коронавирусот ширум светот.
Годинашната I/O конференција требаше да биде одржана помеѓу 12 и 14. мај, но веста за откажувањето пристигнува само неколку дена откако компанијата го откажа својот Cloud Next настан во Сан Франциско.
„Поради ширењето на коронавирусот и во согласност со здравствените упатства на Американскиот центар за контрола и превенција од болести, Светската здравствена организација (WHO) и другите здравствени тела, одлучивме да го откажеме I/O настанот во Shoreline амфитеатарот”, појасни портпаролот на Google во изјава за The Verge.
Google обично ја користи I/O конференцијата за претставување на новитети како што се промени во Android, хардверски унапредувања и ажурирање на услугите на Google. Од компанијата истакнуваат дека сега бараат други начини да ја одржат I/O конференцијата за да продолжат да ја поврзуваат и градат заедницата на програмери.
На сите посетители, ќе им бидат рефундирани парите до 13. март, а на оние кои купиле билети за годинашниот настан, автоматски ќе им биде доделена можност за купување на влезници за Google I/O 2021.