Петта година по ред во Скопје ќе се одржи натпреварот за претприемништво Get in the Ring Skopje 2020 Powered by A1.
Настанот ќе се одржи од 13 до 15 март во управната зграда на А1 Македонија, а истиот има за цел младите креативци да ги насочи кон имплементација на своите претприемачки идеи, но и да им даде вештини за исполнување на истите.
На настанот свое учество ќе земат и веќе докажани стартап лидери и визионери кои ќе ги водат работилниците и ќе имаат улога на ментори.
Натпреварот ќе биде поделен во два дела, едукативен и натпреварувачки, односно првите два дена 20 тима ќе работат и ќе развиваат концепт за веќе зададена тема, додека третиот ден, на 15 март, ќе се одржи финалето на кое тимовите ќе влезат во ринг и ќе ги бранат своите идеи.
Едукативниот дел ќе биде составен од креативни работилници, менторски сесии и панел дискусии со докажани „стартапери“ кои ќе ги раскажат своите успешни приказни, ќе зборуваат за предностите и можностите за развивање на стартап во нашата држава, како и совети за финансиски план.
Како и претходните години, финалниот настан ќе биде од отворен карактер, а тоа што е специфично е дека тимовите влегуваат во вистински боксерски ринг и ги презентираат своите идеи и креативни решенија пред публиката и судиите. Три идеи ќе бидат наградени, односно ќе земат награда за прво, второ и трето место, а тимот кој ќе освои прво место ќе добие можност за присуство на бројни курсеви и работилници за стартапи и ќе замине на глобалниот Get in the Ring натпревар во Канада.
Сите заинтересирани креативци и претприемачи може да аплицираат на линкот до 27 февруари.
Поврзани артикли