Околу половина од домашната популација е загрижена од кражба на идентитетот и станување жртва на измама со користење банкарска картичка, а над петтина (16 проценти) биле жртва на кибернасилство, најмногу преку откривање на штетен софтвер (29,3 проценти), покажува последното испитување на јавното мислење за примена на мерки за безбедност на интернет на Агенцијата за електронски комуникации.
Во однос на заштитата на приватноста при користење интернет, 50,3 проценти од испитаниците рекле дека инсталирале антивирусна програма во последните неколку години.
Кога станува збор за заштита на детето од вознемирување на интернет, најголем дел (35,7 проценти) рекле дека би разговарале со него во врска со ризиците од употреба на интернет и би ги следеле неговите активности (32 проценти). Една петтина од анкетираните, пак, навеле дека би го ограничиле времето за интернет.
Како што покажува анкетата, со кибербезбедноста се запознаени 60 проценти од популацијата, од кои најмногу испитаници од источниот и североисточниот регион со околу 70 проценти. Помеѓу машките и женските испитаници не постои разлика во однос на запознаеноста со кибербезбедност. Разлика постои помеѓу испитаниците од урбана и рурална средина, со предност на урбаната. Испитаниците од возрасната група од 15 до 19 години (92,1 проценти), вработените (65,4 проценти) и самовработените (76,5 проценти), како и испитаниците со највисок степен на образование (над 94 проценти). Од нив, само 12,4 проценти се многу добро информирани со ризиците од киберкриминалот. Преку медиумите за кибербезбедноста се информирале 41,1 процент. Најголем дел од испитаниците се загрижени за личните податоци и можноста да станат кибержртва, односно 45,9 проценти од испитаниците веруваат дека се зголемува ризикот да се стане кибержртва.
Како што покажува анкетата, само 26,2 проценти од испитаниците сметаат дека можат да се заштитат од киберкриминал преку антивирусен софтвер.
Истражувањето покажува дека 75 проценти од испитаниците преземаат одредени мерки за безбедност при користење на уредите.
Од испитаниците кои преземаат мерки за безбедност при користење уред, 75 проценти активираат антивирусна програма пред прва употреба на уредите и 89 проценти од нив ги ажурираат податоците. Во однос на ажурирањето, над половина од испитаниците имаат уреди што постојано се вклучени на Auto-update.
На прашањето со какви проблеми сте се соочиле во однос на преземање мерки за безбедност, 31,6 процент рекле дека проблем е тоа што треба да се платат, 13,8 проценти кажале дека не знаат како да ги применат, 12,2 проценти сметаат дека нивната примена им одзема повеќе време.
Преземањето мерки статистички значително се разликува кај различните региони, со најголема застапеност во скопскиот и источниот со околу 90 проценти од популацијата и најмала кај испитаниците од североисточниот регион со 49 проценти.
Помеѓу половите не постои значајна разлика во однос на мерките на безбедност, но постои помеѓу испитаниците од урбана и рурална средина. Најмладата возрасна група од 15 до 19 години и возрасната група 20-24 како и групата 45-49 години се најголеми корисници на интернет-услугите. Тие се застапени во преземањето безбедносни мерки со над 90 проценти. Процентуалната застапеност на студентите изнесува 79,2 отсто. Во однос на образованието, 87,9 проценти од испитаниците со завршени магистерски или докторски студии имаат најголем процент на преземени мерки на безбедност, додека најмал имаат испитаниците со основно ниво на образование (39,7 проценти).
Од вкупната популација испитаници, 75 проценти користат лозинки за пристап кон уредите за користење, од кои најголем дел (63,1 проценти) за лозинката користат комбинација на букви, броеви и симболи. Лозинките најчесто се чуваат во компјутер, а одреден број испитаници навеле дека ја помнат или ја запишуваат лозинката. Над половина од испитаниците во последниот период ја измениле лозинката на социјалните мрежи и онлајн игрите. Можноста за двофакторска автентикација е искористена од само 31 процент од испитаниците. Од останатите 44,6 проценти не знаат за таа опција. Само една третина од испитаниците прави безбедносна копија на податоците на облак (cloud), но само 13 проценти го врши зачувувањето секој ден. Околу 48 проценти од испитаниците зачувувањето го прават поретко од три пати месечно.
Електронски плаќаат само третина од граѓаните
Електронските плаќања се застапени кај 33 проценти од домашната популацијата, од кои најмногу кај испитаниците од вардарскиот и југозападниот регион. Не постојат разлики помеѓу користење во однос на полот и средината, но постојат во однос на националноста, возраста, економскиот статус и образованието. Најмногу се користат кај испитаниците од возрасна група од 35 до 39 години (53,6 проценти), кај самовработените испитаници (64,1 проценти) и кај студентите (79,2 проценти).
Од 67 проценти испитаници кои не користат електронско банкарство, најголемиот дел (22,4 проценти) преферираат одење во банка, односно 22,6 проценти се чувствуваат покомотно во банките. Корисниците на електронско банкарство генерално го користат од еднаш до три пати месечно. Четириесет проценти од испитаниците користат електронски плаќања од еднаш до три пати на месечно ниво. Над половина од испитаниците, пак, прават електронска трансакција на веб-страницата што добро ја познаваат, а само 6,8 проценти ја проверуваат URL-адресата. Загриженоста во врска со безбедноста при овие процеси е со голем интензитет.
Приватноста на интернет со антивирусна програма ја штити само половина од популацијата
Интернетот во нашата држава и натаму најмногу се користи за социјални мрежи (82,4 проценти), а најмалку за продавање стоки и услуги (15,5 проценти). Преку интернет стоки и услуги купуваат 33,3 проценти, 48,3 проценти го користат за читање вести, 38 проценти за играње игри, 14,8 проценти за гледање телевизија.
И податоците за користењето мобилен интернет покажуваат дека најмногу се користи за социјални мрежи, 84,3 проценти, а само 14,3 проценти за продавање стоки и услуги.
Според испитувањето, македонската популација најмногу е загрижена при купување стоки или услуги преку интернет. Во однос на заштитата на приватноста при користење интернет, 50,3 проценти од испитаниците рекле дека инсталирале антивирусна програма во последните неколку години. Над половина од испитаниците користат сопствен интернет за поврзување на јавни места (опцијата за хот спот и вај-фај) и само една четвртина се поврзува на мрежа што е бесплатна и не е заштитена со лозинка. Од вкупната популација, 66 проценти од испитаниците, најмногу е засегната од злоупотреба на личните податоци преку интернет, како и кражбата на лозинки и навлегувањето во приватноста.
Фејсбук и натаму најпопуларна социјална мрежа
Податоците од истражувањето покажуваат дека социјални мрежи во државава користат 82,7 проценти од испитаниците, најмногу во североисточниот регион (89,5 проценти) и во Пелагониско (88,3 проценти). Притоа доминираат женските испитаници со 84,9 проценти.
Најголем процент корисници, односно 94,5 проценти се на возраст од 20 до 24 години. Најголеми корисници се студентите со 97 проценти. Од вкупната популација Фејсбук како социјална мрежа е застапена со 94,7 проценти. По неа, најзастапени се Вајбер со 67,2 проценти, Инстаграм со 52,9 проценти и Јутјуб со 41,5 процент. Најголемиот дел од испитаниците на социјалните мрежи ги споделуваат вистинското име и личната фотографија, а најмал дел споделуваат од мобилен телефон. Од оние испитаници кои не користат социјални мрежи, повеќе од половина не се заинтересирани, а околу една третина не знае што претставува социјална мрежа.
Во однос на политиките на приватност, запознаени се повеќе од половина од испитаниците (56 проценти) од вкупната популација, од кои 52,7 проценти делумно се согласуваат за нивната ефективност, додека 4,4 проценти воопшто не се согласуваат со тоа. Само 16,5 проценти испитаници веруваат во политиките за приватност. Во најголем процент случаи испитаниците делумно веруваат, 52,6 проценти, додека 18,3 проценти воопшто не верува во политиките за приватност.
Во Полошко најмалку се користи интернет, најмногу во североисточниот регион
Употребата на интернет е застапена речиси кај 90 проценти од популацијата. Во однос на регионите, употребата на интернет кај секој регион засебно се движи во рамките на 78,2 проценти употреба на интернет во Полошко со најнизок процент на испитаници кои користат интернет, до 95,7 проценти во североисточниот регион, кој е и највисок во однос на употребата на интернет.
Во однос на возраста, најголема застапеност на користење интернет може да се забележи кај најмладата популација 20-24години (99,4 %), додека најмала кај е испитаниците кои се над 65 години со само 35,8 проценти користење интернет. Студентите исто така имаат највисока стапка на користење интернет со 97,9 проценти и значајно се разликуваат од останатите групи. Разлика постои и кај различните нивоа на образование, со предност на групата испитаници со завршено високо образование (95,3 проценти) и со магистерски и докторски студии (94,8 проценти). Најголем процент од испитаниците користат паметен телефон (84 проценти) и компјутер (81,7 процент) за прикачување на интернет, користат интернет во својот дом скоро секој ден (88,3 проценти).
На работното место секој ден интернет користат 51,8 процент од испитаниците, за разлика од само 16,4 проценти кои никогаш не користат интернет на работно место. Од сопствениот паметен телефон секојдневного користат интернет 78,7 проценти и повеќе од половина од корисниците (62,6 проценти) користат интернет секојдневно на друго место како училиште, универзитет или интернет кафе.
Со испитувањето се опфатени 1.400 лица со возраст од над 15 години. Целта е да се испита јавното мислење во однос на моменталната состојба за користење дигитални уреди и алатки, како и нивото на свест кај граѓаните за безбедноста при нивното користење.