Apple Watch лани бил најпродаван паметен часовник, со повеќе продадени примероци од цела швајцарска индустрија, покажуваат податоците на Strategy Analytics.
Извештајот проценува дека Apple испорачал речиси 31 милион часовници во 2019 година, што е 36 отсто повеќе од претходната. Швајцарските Swatch, TAG Hayer, но и сите други брендови испорачале околу 21,1 милион примероци, што е пад од 13 отсто во споредба со 2018 година.
Apple сè уште ги нема објавено податоците од ланската продажба на Apple Watch, но Strategy Analytics ги собрал податоците од малопродажните партнери и други доставувачи.
– Аналогните рачни часовници се популарни меѓу повозрасните потрошувачи, но помладите купувачи ги избираат паметните часовници и компјутеризирани верзии на рачен накит – објави Нил Мостон, извршен директор на аналитичката компанија.
И според аналитичарот Стивен Валцер, традиционалните швајцарски произведувачи на часовници ја губат битката против паметните уреди.
Apple Watch е долгогодишен лидер на пазарот на паметни часовници и еднаш веќе ја надмина швајцарската индустрија, според квартална продажба во 2017 година. Ова е прва полна година во која производот ги престигна сите свои аналогни конкуренти од оваа европска земја.