Штом ќе помислите дека китовите-убијци, познати и како орки, не може да бидат поневеројатни, тие ќе ве изненадат со уште нешто. Нови докази покажуваат дека овие китови се навистина добри во заплашување на најстрашниот морски ѕвер. Имено, китот-убиец ја симна големата бела ајкула од тронот на врвен предатор.
Научници утврдиле дека бројот на големите бели ајкули значително се намалува секогаш кога тие ќе забележат дека во близина има некој кит-убиец.
– Кога се соочени со орките, белите ајкули веднаш ја напуштаат нивната омилена територија за лов и не се враќаат до една година, иако орките само поминуваат – вели морскиот еколог Салвадор Јоргенсен од аквариумот во Монтереј, Калифорнија.
Тимот собирал податоци од два извора: одењето и доаѓањето на 165 големи бели ајкули тагирани со ГПС во периодот меѓу 2006 и 2013 година и податоци за популациите на орки, ајкули и фоки од 27-годишен период.
Тимот документирал и четири средби меѓу големи бели ајкули и орки, кои потоа можеле да ги анализираат во споредба со другите податоци.
Податоците откриле дека кога и да се појавел некој кит-убиец во регионот, ајкулите брзо исчезнувале до следната сезона. Нив ги снемувало за неколку минути, дури и кога орките останувале пократко од еден час.
И, како и вообичаено, двајца се караат, третиот добива. Најголемиот добитник во случајов се морските слонови (Mirounga angustirostrous) кои го населуваат крајбрежјето и се мета за лов на големите бели ајкули.
– Секоја сезона во просек документираме околу 40 настани на предаторство на морски слонови од бели ајкули. Откако ќе се појават орките, не забележуваме ниедна ајкула и нема повеќе убиства – истакнува морскиот биолог Скот Андерсон од аквариумот.
Одредени видови орки исто така јадат морски слонови, но тие не се појавуваат често. Другите видови орки се хранат со риба.
Ајкулите не оделе секогаш многу далеку. Некогаш само се придвижувале на безбедна оддалеченост покрај брегот, каде што биле блиску до морските слонови. Но, некогаш оделе и кон средината на Пацификот.
Треба да се напомене дека е забележано како орки се хранат со големи бели ајкули. Сè уште не е јасно зошто, но на ајкулите убиени од орки, кои испливувале на бреговите (како на фотографијата горе) им недостигале црните дробови.
Извор: Science Alert
Поврзани артикли