Европската комисија денеска ја презентира „кутијата на алатки“, односно мерките што се потребни за да се обезбеди сигурна 5G-мрежа во Европската Унија и да се намалат потенцијалните ризици.
Алатките што ги нуди Европската комисија се изработени врз основа на забелешките и процените за ризици на самите земји-членки на Европската Унија. ЕК повикува клучните чекори да се спроведат до 30 април оваа година.
– Можеме да направиме големи работи со 5G. Технологијата поддржува персонализирана медицина, прецизни земјоделски и електрични мрежи кои можат да интегрираат секаков вид обновлива енергија. Ова ќе направи голема разлика, но само ако нашите мрежи бидат безбедни. Само тогаш дигиталните промени ќе бидат од корист за сите граѓани – изјави потпретседателката на Европската комисија, Маргарет Вестагер.
ЕК инсистира дека алатките што се презентираат се важни за земјите-членки за да се координираат во имплементирањето на 5G-технологијата.
Се проценува дека оваа технологија би требало да генерира околу 225 милијарди евра профит низ ЕУ и е од клучна важност за конкурентноста на Унијата на глобалната сцена, но граѓаните на ЕУ и владите се загрижени за безбедноста, особено со оглед на тоа дека највисок степен на развој во оваа технологија има кинеската компанија Huawei.
5G-технологијата ќе овозможи многу побрза конекција, конектирани предмети, но и поголема зависност од софтвери, поголема потреба од антени и помногубројни агли за напад од потенцијални хакери.
Според Евробарометарот кој го мери јавното мнение на европските граѓани, сајбер-нападите претставуваат преокупација за повеќе од половина од населението на ЕУ, страв кој го делат и експертите, кои предупредуваат дека софистицираноста на хакерите расте, додека сѐ повеќе клучни служби и институции ќе зависат од новата технологија.
– Европа има сѐ за да ја води технолошката трка. Дали преку развојот или имплементирањето на 5Г-технологија, нашата индустрија е веќе напредна. Денеска ги опремуваме земјите-членки на ЕУ, телеком-операторите и корисниците со алатките кои ќе ја заштитат европската инфраструктура со највисоките безбедносни стандарди – изјави еврокомесарот за внатрешниот пазар, Тиери Бретон.
Алатките на ЕК предвидуваат, меѓу другото, добра процена на ризикот на набавувачите и се нагласува дека се потребни рестрикции за оние набавувачи кои претставуваат ризичен профил. ЕК смета дека е потребно да се спроведат мерки за да се обезбеди диверзификација на продавачите и со тоа максимално да се намали зависноста од мал број оператори.
ЕК не одлучува за специфични безбедносни мерки во земјите-членки, кои остануваат целосно суверени во оваа одлука, но предупредува дека колективната работа во оваа област е критична за безбедноста на мрежата.
Huawei ја поздрави иницијативата на ЕК која ѝ овозможува да продолжи да учествува во распоредувањето на европската 5G-мрежа.
Според кинеската фирма, алатките понудени од ЕК се „непристрасни и базирани на факти“.
Поврзани артикли