Сателитски снимки од Иран покажуваат дека земјата се подготвува да лансира сателит во вселената откако лани имаше три неуспешни обиди за лансирање ракети. Иранскиот министер за информатика и комуникациски технологии Мохамад Џавад Азари-Џахроми на социјалната мрежа Твитер ја потврди информацијата наведувајќи дека се подготвуваат за лансирање во орбитата на сателитот Зафар.
Тој додаде дека Техеран планира да лансира уште пет други сателити во орбитата годинава. Соединетите Американски Држави го обвинуваат Техеран за користење на технологијата како дел од напорите да развијат балистички ракети кои може да носат нуклеарно оружје, обвинувања кои Иран ги негира.