Богатството на 2.153 светски милијардери го надминува имотот на 4,6 милијарда луѓе, односно 60 проценти од светската популација, а најбогатите 1 отсто на светот поседуваат двојно повеќе отколку богатството кое го имаат 6,9 милијарди луѓе.
Ова се најновите податоци за глобалната нееднаквост од извештајот објавен на 20. јануари, во пресрет на годишниот состанок на глобалните елити во планинското одморалиште Давос-Клостерс во Швајцарија. Извештајот на британското здружение за борба против сиромаштијата, Oxfam, наведува дека бројот на милијардери двојно се зголемил во последната деценија.
„Овој длабок јаз се темели на погрешниот и сексистички економски систем“, констатираат авторите, истакнувајќи го податокот дека 22 најбогати мажи на светот имаат повеќе пари од сите жени во Африка.
Жените и девојките дневно трошат милијарди неплатени часовни на готвење, чистење и грижа за роднините, поради што многу од нив не можат да се образуваат и вработат, утврдиле во Oxfam. Вредноста на нивната работа е три пати поголема од вредноста на глобалната технолошка индустрија. Владите со неадекватното оданочување на најбогатите поединци и компании се откажуваат од парите со кои жените би можеле да се извлечат од сиромаштијата, предупредуваат во Oxfam.
Предлагаат во следните десет години еден отсто од најбогатите во светот да плаќаат само 0,5 проценти поголеми даноци, што ќе овозможи отворање на 117 милиони работи места во секторите како здравство, образование и грижата за постарите и децата.