Кинеската национална комисија за здравство соопшти дека епидемијата на нов вид на коронавирус може да се контролира, објави Ројтерс.Комисијата се огласи за првпат од почетокот на епидемијата кон крајот на декември.
Начините за пренесување на новиот вирус сè уште не се целосно мапирани и изворот на вирусот не е познат, се вели во соопштението на комисијата.
Во соопштението се додава дека следењето на вирусот ќе биде засилено за време на кинеската Нова Година кога голем дел од кинеската популација ќе патува за да го прослави овој празник следната недела.
Седумнаесет нови случаи на пневмонија предизвикани од нов коронавирус, од кои двајца веќе починале, се пријавени во централна Кина. Досега се откриени 62 случаи на новооткриениот вирус во градот Вухан, потврдија официјалните лица, потсетувајќи дека двајца починале додека осум пациенти се во критична состојба.
Азиските земји, како и трите аеродроми во САД, воведоа специјален преглед на патници кои пристигнуваат до авиокомпании од централна Кина од страв од можно ширење на вирусот. Меѓу овие земји се Тајланд и Јапонија, кои веќе пријавиле три случаи кај луѓе кои дошле од Вухан.
Светската здравствена организација предупреди за можно ширење на вирусот, како и за ограничен пренос од човек до човек.