Денес е речиси невозможно да си замислиме еден ден без паметен телефон. Го користиме речиси за сè – телефонирање, допишување, информирање, плаќање и слично. Секој ден луѓето погледнуваат во телефонот околу 80 пати (некои и повеќе), често бидејќи им е досадно и не знаат што да прават со рацете.
Но, што кога некој ќе би ви поставил предизвик да го поминете цел ден без паметен телефон? Дали би издржале? Или ако едноставно сакате да се одморите од вашиот телефон, а и понатаму ги користите сите негови предности?
Дека паметните телефони предизвикуваат зависност, свесни се и големите технолошки компании како Apple и Google, кои во последната година почнаа да нудат различни опции и апликации што би требало да им помогнат на корисниците да го ограничат времето поминато во користење телефони.
Така, Google ја нуди опцијата Unlock Clock што брои колку пати дневно корисникот го отклучил својот телефон, односно опцијата Desert Island што овозможува пристап само до одредени апликации тој ден.
Но, лондонското студио „Спешл проџектс“ смисли уште порадикален начин за „одвикнување“ од телефони – одлучило дигиталните ограничувања да ги замени со аналогни и за таа цел создало „Телефон од хартија“ („Paper Phone“).
Станува збор за бесплатна апликација за Android што на корисникот му овозможува да избере кои информации му требаат тој ден – одредени контакти и нивните телефонски броеви, потсетници, обврски од календарот, Google Maps, временска прогноза, едноставна игра како Sudoku и слични информации.
Потоа, апликацијата и информациите убаво се складирани во документ што треба да се испечати на хартија, да се свитка хартијата според наложените упатства и да се исклучи паметниот телефон, бидејќи сè што му е потребно на корисникот сега го има на хартија.
Некому овој аналоген начин може да му изгледа интересен и практичен, додека други ќе се откажат по 15 минути. Но, мора да признаеме дека ваквиот начин е вистински одмор од технологијата, а ги имате сите информации што ви се потребни.
Дали сте доволно храбри да го пробате ваквиот начин на „дигитална детоксикација“?
Извор: Zimo.hr