Разменувањето фотографии, мемиња и други содржини преку квантен интернет е чекор поблизу од кога било затоа што научници првпат успеаја да „телепортираат“ информации помеѓу два чипа што не биле физички поврзани.
Современите физичари сонуваат да направат квантни компјутери кои ќе можат да ги решат проблемите што се премногу комплицирани за најмоќните денешни суперкомпјутери, но нивното создавање бара од нив да научат како да се справат со квантните честички, кои се помали од атомите.
Научниците од Универзитетот во Бристол и Техничкиот универзитет во Данска создадоа уреди на ниво на чипови кои можат да манипулираат со поединечни честички на светлината благодарение на квантната физика.
Целата студија беше објавена во списанието Nature Physics.
Во еден од експериментите истражувачите првпат успеаја да демонстрираат „квантна телепортација на информации“ помеѓу два уреда, користејќи процес познат како „квантно вмрежување“.
Тоа е феномен што се јавува кога парови или групи честички се во таква состојба на интеракција што промената во едната значи и промена во другата честичка и дека растојанието меѓу нив е небитно.
– Успеавме да демонстрираме висококвалитетна врска на квантното вмрежување помеѓу два чипа во лабораторија, во кое фотоните на двата чипа делеа иста квантна состојба – истакна коавторот на студијата, Ден Левелин.
Научниот тим имал стапка на успех од 91 процент при „телепортирањето“ на честичките, што е многу добар резултат.
Можноста за воспоставување и одржување сигурни квантни кола е клуч во создавањето посложени уреди и квантни комуникациски системи и мрежи кои би можеле да комуницираат со конвенционална електроника.
Извор: Nezavisne.com