Во Свердловската област завршија прелиминарните тестирања на новата самоодна хаубица „Коалиција“. Како што веќе пренесе веб-порталот РГ, група составена од четири хаубици од овој тип се наоѓа во опитно-борбена експлоатација во артилериските единици на руската армија. Првото видео на кое се гледаат борбените тестирања на оваа, според своите карактеристики уникатна хаубица, се појавија на Тв-каналот „Ѕвезда“.
Тестирањето на стрелбата се одвиваше во три етапи. Првиот истрел беше пробен (загревање), додека следните два беа реализирани со гранати со зголемено полнење. Во следната етапа „Коалиција“ испука група од 4-8 гранати кон зададените цели. Целокупното тестирање беше успешно завршено, а војската ќе ја даде својата проценка за новата хаубица.
Самоодната хаубица 2С35 „Коалиција-СВ“ (кал. 152,4 мм) е предвидена за уништување важни непријателски цели како што се тактичко нуклеарно оружје, ракетни, артилериски и минофрлачки батерии, објекти на ПВО, оклопни единици и жива сила. Хаубицата е максимално автоматизирана: боевото одделение е без екипаж, управувањето со огнот се реализира далечински од оклопната капсула сместена во предниот дел на орудието каде што е сместен неговиот екипаж, а кој може да биде и надвор од средството, како што беше демонстрирано и на последните тестирања. Ефективниот дострел на орудието ќе изнесува повеќе од 80 км.
Една од спецификите на оваа хаубица е пневматскиот механизам за полнење, кој ѝ овозможува на „Коалиција“ значително да ја зголеми брзината на стрелбата која изнесува повеќе од 10 гранати во минута. На овој начин се создадени предуслови за воведување на „плотунски режим на стрелба“ (Шквал) каде што под различни агли може да се испукаат неколку гранати кои истовремено паѓаат на својата цел. Ефектите на ваквиот механизам се такви што едно орудие може да изведе масовен артилериски удар аналоген на стандардна артилериска батерија која содржи повеќе орудија.
Неодамна артилериски воени експерти соопштија дека руската самоодна хаубица „Коалиција-СВ“ едноставно не му остава на противникот шанса за контрабатирање. Таа според своите тактичко-технички карактеристики е доминантна во однос на сличните артилериски средства што ги имаат земјите на НАТО. Благодарение својата способност за далекуметни удари, руската хаубица не мора да влегува во зона што е огнено покриена од непријателот.
Далекуметна реактивна муниција
Судејќи според сé, ваквите ваквите дострели кога е во прашање новата руска самоотка не се случајни. Треба да се напомене дека во Русија интензивно се развива и најнова артилериска муниција која за двапати ќе го зголеми ефективниот дострел на самоодното и на влечното артилериско оружје. Развојот на овој проект на себе го презеде научно-истражувачката катедра БГТУ „ВОЕНМЕХ“. Еден од тие развојни проекти е поврзан и за конструирањето на перспективен проектил за артилериско оружје со калибар од 152 милиметри, а кој треба да оствари значајни резултати кога станува збор за параметрите за максимален дострел и неговата прецизност.
Максималниот дострел на оваа муниција ќе изнесува 70+ километри. Овој дострел ќе биде постигнат со помош на ракетен мотор кој ќе биде поставен во долниот или во горниот дел на проектилот. Откако проектилот ќе ја напушти цевката на хаубицата и ќе постигне определена висина и брзина, доаѓа до палење на ракетниот мотор што дополнително ја зголемува неговата брзина на траекторијата на летот и стабилноста на самиот проектил Еден од најголемите проблеми кои се јавуваат на олку големи дистанци е прецизноста на проектилот кој треба да ја погоди целта со минимално отстапување. Стручњаците сметаат дека овој проблем успешно ќе биде решен со интеграција на специјални модули во управувачкиот блок на проектилот, а кои се поврзани со сателитската навигација ГЛОНАСС.
Самоодната хаубица 2С35 „Коалиција“ во поглед на тактичко-технички карактеристики во голема мера ќе го надмине својот претходник – хаубицата „Мста“. „Коалиција-СВ“ може да уништи цели на растојание поголемо од 70 км. Ова ја става на самиот светски врв кога станува збор за самоодните хаубици кои во моментот се во оперативна употреба. Покрај исклучителниот дострел, особено импресивно е и нејзиното темпо на стрелба. Имено, оваа хаубица ќе може да истрела на оваа далечина и до 16 гранати во минута.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли