Веќе за три години, во Доха ќе може да се повикаат електрични шатлови ID. Buzz на VW во кои нема да има возач, а комјутерите ќе ги заменат луѓето и зад воланите на автобуси на Scania.
За градовите да напредуваат, потребен e нов бран na иновации како што се транспортните технологии кои ќе овозможат урбана мобилност, помалку сообраќаен метеж и подобра енергетска ефикасност, а заедно со тоа секако и намалување на емисиите на издувни гасови, коментира извршниот директор на Qatar Investment Authority (QIA), Мансур ал Махмуд при потпишувањето на договорот со Volkswagen за проект што треба да ја револуционизира Доха. Имено, проектот на кој ќе работат VW Group и QIA до 2022 година треба да резултира во старт на автономен јавен превоз во овој град.
Со Договорот се опфатени четири марки во рамките на групацијата Volkswagen – Volkswagen Commercial Vehicles, Scania, сервисот за споделено возење MOIA, како и филијалата на Audi за автономно возење Autonomous Intelligent Driving (AID). Овие компании треба да развијат систем на јавен превоз кој ќе вклучува електрични автономни возила на VW како ID. Buzz и автономни автобуси Scania, како и потребната инфраструктура и софтвер потребни за започнување на ваква трговска услуга, при што автономните возила би требало да бидат интегрирани во останатиот јавен превоз.
Веќе за три години, 35 автономни електрични возила ID. Buzz би требало да возат низ Доха, со можност да превезуваат по четири лица, и десет автобуси Scania, кои секако ќе превезуваат поголеми групи на луѓе. Автономните возила ќе се движат на ограничен простор, а првите затворени тестови започнуваат веќе следната година. Првите тестови во реалниот свет, односно на улиците на Доха, треба да започнат во 2021 година.
Во моментов не се поставува прашањето дали сепак ќе има возачи на предното седиште на автономните автомобили и автобуси кои ќе треба во случај на софтверска грешка да реагираат да не дојде до сообраќајна несреќа.
Ако сите тестови се покажат успешни, официјално проектот за автономен јавен сообраќај во Доха треба да стартува до крајот на 2022 година, а благодарение на одличната патна инфраструктура и време (нема снег), овој град се чини дека е идеално место за автономните автомобили и автобуси без поголеми проблеми да ги споделуваат патиштата со возилата управувани од луѓе.
Извор: Додај Гас
Поврзани артикли