Основната серија на iPhone 12 смартфони на Apple се очекува да вклучува 5G конекција следната година, но може да не го донесе посакуваниот ефект. Според аналитичар на „Loup Ventures“, следната година ќе биде разочарувачка за инвеститорите на Apple, а тоа се должи на бавниот процес на проширување на 5G мрежите, особено во САД. Сепак, акциите на компанијата од Купертино може да покажат најдобри перформанси следната година.
Очекувањата на телекомуникациските оператори во САД за проширување на 5G мрежите се доста оптимистички. Според Verizon, половина од САД ќе има 5G покриеност до крајот на 2020 година, а според другите оператори стапката може да достигне 75%.
Според податоците од синџирот на снабдување со компоненти, се предвидува дека Apple ќе испорача 100 милиони паметни телефони од идната серија iPhone 12 во 2020 година, токму поради својата 5G поврзаност. Доколку тоа се случи, компанијата ќе забележи 20% зголемување на пратките во однос на она што се очекува за серијата iPhone 11 во 2019 година.