Директорот на „Роскосмос” не наведе точно колку овој потфат ќе ја чини државата, но рече дека станува збор за „колосални средства”. Меѓутоа, според него, вложувањата можат да се исплатат преку комерцијална експлоатација.
„Роскосмос” планира да направи универзален вселенски шатл кој на Месечината треба да носи товар од нејзината орбита, изјави генералниот директор на државната корпорација Дмитриј Рогозин.
„Ќе направиме универзален лифт кој ќе може да пренесе товар од станицата во Месечевата орбита до површината на Месечината на барање на нашите партнери“, изјави Рогозин. Овој проект исто така може да се експлоатира и комерцијално „за да се оправдаат колосалните средства што мора да се инвестираат во неговата реализација“, додаде директорот на „Роскосмос“.
Не се наведува колку време ќе траат проектирањето и реализацијата на овој проект.
Првата фаза на „акциониот план“ за освојување на Месечината до 2040 година вклучува создавање базен модул на станицата во орбитата на Земјиниот сателит, а втората фаза испраќање космонаут на Месечината и појава на првите елементи на вселенската база.
Рогозин смета дека за орбитална станица можеле да се користат јазловниот модул „Причал” и научноенергетскиот модул првично создаден за Меѓународната вселенска станица. Според директорот на „Роскосмос“, таквата можност се разгледува. Тој истакна дека овие модули се предвидени да работат 15-20 години, додека работниот век на МВС ќе заврши во 2028 година.
Извор: Russia Beyond