Ќе мора да почекаме уште најмалку шест години пред некое електрично Ferrari да се појави на патиштата
Неодамна, Porsche го претстави својот прв електричен модел. Моделот Taycan со високи перформанси е наменет само за оние со подлабок џеб и е голем чекор во транзицијата на германскиот производител на автомобили кон иднината во која е-моторите ќе ги заменат моторите со внатрешно согорување. Уште еден производител на луксузни спортски автомобили размислува за моторите на струја, но аналитичарите излегоа со мислење дека првиот електричен Ferrari модел не треба да се очекува пред 2023 година.
Тоа се чинеше доста доцна во споредба со остатокот од пазарот, но извршниот директор Луис Камилери во неодамнешно интервју за медиумите вели дека е премногу рано и првото електрично Ferrari нема да се појави на пазарот до 2025 година.
„Технологијата на батерии сè уште не е таму каде што треба да биде“, Камилери ја објаснува причината поради која нема да брза со овој вид возила. Тој верува дека сè уште има многу проблеми и предизвици со батериите, како што се автономијата и брзината на полнење. „Секако дека некогаш ќе претставиме Ferrari со електричен мотор, но тоа нема да биде така наскоро, односно дури за шест или повеќе години“, дополнува тој.
На краток рок, во Ferrari ќе се фокусираaт на возила со хибридни мотори како моделот SF 90 Stradale, кој беше претставен претходно оваа година (првото хибридно возило во сериско производство на компанијата). Камилери се надева дека до 2022 година дури 60 проценти од продадените автомобили ќе бидат хибриди, а интересно е што компанијата размислува и за некои алтернативни технологии како што се водород и биогорива.
Што се однесува до моменталната состојба со продажбата на нивните возила, тој вели дека тие се на прагот на уште една рекордна година според сите параметри – бројот на продадени возила, приходи и профит.
Извор: Додај Гас