На таканаречените пазари во развој, каде цената на автомобилите е клучен фактор на пазарот, а законот не ја фаворизира пасивната и активната безбедност на автомобилите, производителите често нудат постари генерации на своите модели или веќе добро „амортизирани“ проекти. И притоа воопшто не размислуваат да ја исфрлаат „непотребната опрема“, како на пример воздушните перничиња. Законот не бара, па зошто тогаш да ги има.

Еден таков модел паднал во рацете на LATIN NCAP, кој одлучил да спроведе класичен краш тест. Станува збор за робусниот пикап, Mitsubishi L200, кој е присутен и на нашите патишта. Но, со една важна разлика. Поточно седум, затоа што толку воздушни перничиња недостасуваат.

„Разочарувањето за големо, како за LATIN NCAP, така и за латино-американските потрошувачи и како прашање се поставува етичноста на производителите. Моделот L200 има 7 воздушни перничиња на пазари како што се европскиот и ESC како стандард заедно со другата безбедносна опрема”, вели првиот човек на LATIN NCAP, Алехандро Фурас.

Притоа се нагласува уште еден факт, а тоа е дека продавачите често изјавуваат дека „воздушните перничиња не се потребни затоа што конструкцијата е стабилна“. Mitsubishi веднаш реагирал и ветил дека ќе ја зголеми безбедносната опрема од февруари следната година. До тогаш, на сопствениците и потенцијалните купувачи им останува да го гледаат видеото подолу и добро да размислат што купуваат.

Извор: Додај Гас