Првите купувачи на новиот автомобил на Tesla би можеле да седнат позади воланот на почетокот на 2020. година, наместо наесен истата година како што претходно беше планирано.

Американскиот произведител на електрични автомбили побарал од своите тајвански добавувачи да забрзаат со изработката на деловите за Tesla автомобилот за Model Y да почне да се произведува пред времето кое претходно беше најавено, дознаваме од CNBC.

Снабдувачите на Tesla од Тајван велат дека американскиот бренд значително ги забрзал нарачките за делови и компоненти и дека сè се случува многу побрзо од предвиденото.

Очигледно, брендот на електрични автомобили успеа да се консолидира по неколку прилично тешки години кога капацитетот на производството беше „тесно грло“, а ниту продажбата не одеше по замисленото.

Eлон Маск неодамна го претстави Cybertrack, кој и понатаму е главна тема на буквално сите професионални медиуми во светот, а според првичните информации, досега пристигнале повеќе од 250.000 нарачки за овој електричен пикап. Сепак, Model Y е далеку поважен за Tesla, бидејќи самиот Маск во неколку наврати има изјавено дека верува во Model Y  и зголемена продажба по неговото претставување.