Повредите поврзани со користење на мобилни телефони се во пораст, особено кај младите луѓе, покажува анализата на повреди поради кои луѓето најчесто бараат лекарска помош во САД.
Бројот на повреди на вратот, лицето, очите, носот, ушите и главата се во драматичен пораст во текот на изминатите неколку години, а голем удел во тоа има користењето на мобилните телефони, особено пишувањето на пораки при возење или одење, највеќе кај младите луѓе на возраст меѓу 13 и 29 години, јавува Си-ен-ен.
Најчести повреди се рани на лицето и главата, потоа следат контузии на мозокот, површни повреди на кожата и повреди на внатрешните органи, се вели во истражувањето спроведено од научници од медицинскиот факултет Ратџерс во Њу Џерси.
Повеќето луѓе, 94 проценти, не биле хоспитализирани откако биле санирани повредите. Иако се чини дека овие повреди не би требало да бидат причина за загриженост, авторите на истражувањето предупредуваат дека истите може да имаат долготрајни последици, како на пример лузни.
Трошоците за санирање на повреди на лицето го чинат здравствениот систем на САД околу 3 милијарди долари годишно. Оваа студија, чии резултати беа објавени во стручно списание, е прва која ги проучува повредите на главата и вратот, наместо целото тело. Ваквите повреди биле драстично поретки до 2007 година, кога „Епл“ го претстави првиот паметен телефон „ајфон“.
„Иако популарноста на мобилните телефони и пред тоа беше во пораст, нивните карактеристики беа ограничени и затоа немаше голема веројатност да го одвлечат вниманието на корисниците во споредба со денешните смартфони“, велат авторите на студијата.