Во обид да го започне својот Data Transfer проект, а „злобните јазици“ би рекле да обезбеди соработка со најголемите денешни шпионски корпоративни субјекти, Facebook го олесни и брзото пренесување на сите фотографии од профилите на Facebook на Google Photos.
Самиот проект е замслен многу амбициозен. Според него, предвидена е колаборација на компаниите Facebook, Apple, Google, Microsoft и Twitter. Тие ќе работат заедно со цел да овозможат лесно пренесување на податоците помеѓу нивните сервиси и екосистеми. Ќе видиме до каде ќе оди проектот и што ќе значи во пракса, но од нешто требаше да се почне.
Се разбира, алатката не е достапна за сите во овој момент, и како што е обичај, најпрвин се тестира од ограничен број на корисници пред да стане достапна за сите. Во овој момент, пристапот до open-source алатката која овозможува трансфер на фотографии од Facebook во Google Photos им е овозможен само на помал број корисници во Ирска. Сепак, се очекува дека на почетокот на 2020. година, откако фазата на тестирање ќе биде успешно завршена, алатката да стане достапна за сите корисници.
Facebook, исто така, наведува дека алатката би требало да работи и со други сервиси. Иако не се споменува компатибилност или список на услуги кои би требало да станат достапни, се очекува дека листата секако ќе ги опфаќа iCloud и OneDrive.