Фановите на PDA уредите со QWERTY тастатури сигурно со интерес ја следат работата на британската компанија Planet Computers и креирањето на хибридниот паметен телефон Cosmo Communicator.
После неколку месеци одложување, уредот веќе може да се купи преку веб-страницата на компанијата за 799 фунти (937 евра), при што испораката ќе започне следната недела.
Cosmo Communicator е инспириран од класичните уреди како Psion Series 5, Nokia Communicator и Sharp Netwalker. Корените на уредот, всушност, може да се пронајдат во Psion, бидејќи во неговиот дизајн беше вклучен Мартин Ридифорд, кој стои зад создавање на оригиналната Psion Series 5. Инаку, кампањата за финансирање на Cosmo Communicator успеа да привлече 1,86 милиони евра од речиси 4.000 луѓе.
Моделот е всушност ажурирана верзија на неговиот претходник Gemini, кој беше финансиран од 7.000 ентузијасти, но се појавија разни поплаки, на пример, за квалитетот на звукот при разговорот и ниската резолуција на камерата. Уредот нуди два екрани на допир со дијагонала од 2 и 6-инчи и камера од 24 MP, додека во отворена состојба е достапна QWERTY тастатура.
Во однос на хардверот, уредот пристигнува со чипсет на MediaTek P70, 6 GB RAM меморија, 128 GB меморија и батерија од 4220mAh. Достапна е и хардверска тастатура со позадинско осветлување, сензор за отпечатоци, двојни звучници и две USB-C порти.
Оперативниот систем е Android 9.0, но има планови за поддршка на Sailfish, Linux Debian и Linux Kali.