Сер Тим Бернерс-Ли почна глобален акционен план за да ја спаси мрежата од политичка манипулација, лажни вести, нарушувања на приватноста и други малигни сили кои се закануваат дека ќе го одведат светот во „дигитална дистопија“.

„Договорот за подобар веб“ бара поддршка од владите, компаниите и индивидуалците да преземат конкретни обврски за заштита на интернетот од злоупотреба и обезбедување корист за човештвото.

– Мислам дека стравот на луѓето од лоши работи што се случуваат оправдано станува поголем и поголем. Ако го оставиме интернетот онаков каков што е сега, постојат многу работи што би можеле да тргнат наопаку. Може да завршиме во дигитална дистопија. Не ни треба 10-годишен план за интернетот, туку мораме да го спасиме сега – изјави тој.

Договорот, на кој работат повеќе од 80 организации над една година, посочува девет основни принципи за заштита на интернетот – од нив три се за владите, компаниите и поединците.

Документот е поддржан од повеќе од 150 организации, од „Мајкрософт“, „Твитер“, „Гугл“ и „Фејсбук“ до фондацијата за дигитални права „Електроник фронтиер“.

Оние што го поддржуваат договорот мора да покажат дека ги спроведуваат принципите и работат на решенија за сè поголемите проблеми или ќе бидат отстранети од списокот на поддржувачи. Ако одредбата е правилно спроведена, некои можеби нема да траат долго. Извештај од „Амнести интернешнл“ ги обвини „Гугл“ и „Фејсбук“ дека дозволуваат кршење на човековите права на целото население.

Принципите на договорот бараат од владите да направат сè што можат за да обезбедат дека секој што сака ќе може да се поврзе на интернет и дека ќе се почитува неговата приватност. Луѓето треба да имаат пристап до сите лични податоци што ги имаат на интернет и тие треба да имаат право да приговараат или да се повлечат од обработените податоци.

Понатамошните принципи ги обврзуваат компаниите да го направат пристапот до интернетот достапен и ги повикуваат да развијат веб-услуги за лицата со посебни потреби и оние што зборуваат малцински јазици. За да изградат доверба онлајн, компаниите ќе треба да ги поедностават поставките за приватност со обезбедување контролни панели каде што луѓето ќе можат да пристапат до нивните податоци и да управуваат со нивните опции за приватност на едно место.

Друг принцип бара компаниите да ги диверзифицираат своите работни сили, да се консултираат со широките заедници пред и откако ќе лансираат нови производи и да го проценат ризикот од ширење на нивната технологија за дезинформации или наштетување на однесувањето на луѓето или личната благосостојба.

Уште три принципи ги повикуваат поединците да создадат богата и релевантна содржина за да го направат интернетот вредно место, да градат силни мрежни заедници каде што секој ќе се чувствува безбеден и добредојден и, конечно, да се борат за интернет што ќе остане отворен за сите, секаде.