Акциите на компанијата „Тесла“, вчера пред затворање на берзите поефтинија за шест отсто, откако претходно беше претставено новото теренско електрично возило „Сајбертрак“, јави „Форбс“.
Како резултат на тоа, вредноста на акциите во сопственост на Елон Маск, основач на компанијата, се намали за 768 милиони долари, или тие сега вкупно вредат 23.6 милијарди долари.
Демонстрацијата на футуристички дизајнираното возило не помина во најдобар ред и инвеститорите не беа убедени во успешноста на проектот.
За време на презентацијата, Маск го повика конструкторот на автомобилот, Франц фон Холцхаузен, да прикаже колку е отпорно возилото со пад на тешка метална кугла врз предното стакло. Но, кога куглата го удри пикапот, стаклото се скрши. Маск потоа изјави дека не знае зошто, и вети дека „Тесла“ ќе го исправи тоа.
Презентацијата на „Сајбертрак“ беше во Лос Анџелес. Шасијата на теренското возило е направена од една парче легура изработена од суперцврст ладновалан челик, а стаклата се бронирани.
Презентацијата вклучуваше и тест со удари на тежок чекан кои не нанесоа штета на возилото.
Автомобилот ќе се продава во три модели. Најевтиниот ќе чини 39.000 долари, цената на двомоторниот модел е 49.000 долари а на тромоторниот – 69.000 долари. Производството е планирано да започне при крај на 2021 година.
Поврзани артикли