Motorola неодамна ја претстави модерната верзија на RAZR смартфонот на преклоп. За разлика од оригиналот, ентериерот на новиот модел е целосно покриен со флексибилен екран, кој барем на прв дел изгледа значително поотпорен на оштетување во однос на Samsung Galaxy Fold.
И додека Motorola дизајнерската и инженерската работа ја одработи одлично, тимот задолжен за спецификациите на телефонот малку потфрли. Поточно, цената на уредот е високи 1.500 американски долари, но сепак хардверот е просечен – HD дисплеј, Snapdragon 710 чипсет, една 16 MP камера, батерија од 2.500 mAh и слично.
Но, се чини дека Motorola Razr би можела да добие конкуренција во вид на се уште ненајавениот телефон на Xiaomi, кој судејќи според цртежите на патентите, ќе има сличен дизајн – clamshell куќиште и исто така флексибилен дисплеј. Но, во овој случај, можеме да очекуваме повеќе камери, а веројатно и помоќен хардвер.
Приложената скица покажува дека „Razr“ на Xiaomi би требало да има вкупно четири камери – две однатре (на горниот дел од екранот) и две од надворешната страна на куќиштето. Внатрешните камери би биле хоризонтални, а надворешните вертикални, со блиц меѓу нив. Што се однесува до екранот, овој модел би требало да има два – со тоа што дополнителниот, надворешен екран е правоаголен и најверојатно би служел за прикажување основни информации како што се точното време, известување за дојдовни повици и пораки со вклучените функции (Bluetooth, Wi-Fi…).
Се разбира, како и секогаш, самото постоење на патент (поднесено на 6 август 2018 година, и објавено на 29 октомври 2019 година) не значи дека патентираниот уред ќе ја види светлината на денот. Затоа, земете ги сите горенаведени информации со малку заддршка.