На истанбулскиот аеродром „Ататурк“, кој до минатата година беше најголемиот и најфреквентен аеродром на Турција, по 86 години од неговата изградба, почнаа активностите на негово уривање, кое започна во објектот за карго и ќе продолжи наредните два месеца.
По отворањето на новиот аеродром „Истанбул“, стариот беше затворен за цивилното воздухопловство. По прекин на летовите на патничките авиони на аеродромот „Ататурк“ слетуваа само карго, воени и приватни млазни авиони. Аеродромот имаше постигнато рекорд на 4 септември 2016 година, со слетување и полетување на еден авион на секоја секунда.
Аеродромот „Ататурк“ е значаен по тоа што во 1933 година со првиот домашен лет од Истанбул за Анкара беа удрени темелите на турското цивилно воздухопловство. Аеродромот кој во 1985 година го доби името „Ататурк“ опфаќаше површина од 11 милиони 776 илјади 961 метриквадратни, од каде се превезуваа милиони патници преку домашните и меѓународни летови.
Поврзани артикли