Можеби ова не сте го знаеле, но нашиот организам секоја ноќ го испира нашиот мозок. Невронаучниците направија фасцинантна снимка на која се гледа пулсирачкото чистење на нашиот мозочен апарат, се вели во текстот објавен на Science Alert.
Според најновото истражување, во текот на вечерта низ нашиот мозок течат бранови на цереброспиналната течност, ритмички пулсирајќи додека спиеме и ги отстрануваат штетните токсини.
Цереброспиналната течност го исполнува просторот околу мозокот и рбетната мождина и ги штити од директен допир со черепот околу мозокот.
„Веќе некое време знаеме дека во невроните постојат бранови на електрични активности. Меѓутоа, дури сега ги воочивме брановите во цереброспиналната течност“, истакна невронаучникот Лора Луси од Бостонскиот универзитет.
Со оглед на тоа дека во текот на процесот на стареење опаѓа бавната фреквенција на мозочните бранови, оваа најнова студија би можела да помогне при истражувањето на проблемите поврзани со стареењето, заедно со специфичните пореметувања карактеристични за постарата возраст.