Водечката австралиска авиокомпанија „Кантас“ по еден месец од рекордно долгиот лет меѓу Њујорк и Сиднеј, планира пробен 19-часовен непрекинат лет од Лондон до Сиднеј.
Летот QF 7879 тргна од лондонскиот аеродром „Хитроу“ во 6 часот наутро и се очекува да слета 19 и пол часа подоцна на аеродромот „Кингсфорд Смит“ во Сиднеј.
Патот долг 17.800 километри е најдолгиот лет на „Кантас“ како дел од научни истражувања за намалување на влијанието на менувањето на временските зони врз патниците, односно истражувања на опциите за подобрување на здравјето на екипажот.
„Кантас“ за оваа потреба го преуреди новиот „боинг 787-9 дримлајнер“ за да добие максимална количина гориво и го ограничи бројот на патници и багаж.
Во авионот ќе има 50-ина патници и членови на екипажот.
Втор пат во историјата комерцијален лет ја прелетува ваквата оддалеченост. „Кантас“ во 1989 година со „боинг 747-400“ го прелета растојанието меѓу двата града за повеќе од 20 часа.
„Кантас“ почнал да лета меѓу Лондон и Сиднеј во 1947 година и за таа траса биле потребни вкупно пет дена, со шест попатни слетувања.
Минатата година компанијата ја воведе линијата Перт – Лондон, единствената директна врска меѓу Австралија и Европа за која се потребни 17 часа летање.
Минатиот месец „Кантас“ успешно го изведе најдолгиот непрекинат комерцијален авионски лет во светот – од Њујорк до Сиднеј.
Пробниот лет од 16.200 километри траеше 19 часа и 16 минути. Иако летот од Лондон до Сиднеј е 1.500 километри подолг од оној меѓу Њујорк и Сиднеј, се очекува да трае исто толку долго како резултат на воздушните струи.
Поврзани артикли