Компанијата Google, наизглед без дозвола, собира детални здравствени информации од милиони граѓани на САД, пишува „Вол Стрит Журнал“.

Според угледниот весник, моќната компанија не ги информирала граѓаните односно пациентите, ниту нивните лекари за тоа. Како што се наведува, Google ги презема податоците од Ascension, кој претставува втор најголем здравствен систем во Соединетите Американски Држави.

Google собира информации за резултатите од лабораториските истражувања, дијагнози и дневници на хоспитализација. Исто така, ја собира историјата на здравјето од поединечните лица, заедно со нивните имиња и датуми на раѓање.

Google го нарекува овој проект „Nightingale“ и има за цел да создаде нов софтвер управуван со вештачка интелигенција, кој веројатно ќе служи за целите на идните апликации за следење на здравјето и општата состојба на корисниците.

Иако ова се чини како нарушување на приватноста, американското закнодавство им дозволува на болниците да ги споделуваат информациите за пациентите, под услов причината да е зголемување на ефикасноста на пружањето  здравствена заштита.