YouTube го промени изгледот на веб и на таблет уредите

YouTube одлучи да направи голема промена за корисниците на веб-сајтот и таблет уредите, која не само што вклучува нов изглед, туку и некои други работи.

Големата промена е буквално ГОЛЕМА за десктоп корисниците на YouTube, бидејќи сега се е поголемо – иконите, насловите на видео записите, како и сликичките на видео-прилозите.

Со отстранување на неколку редови на содржини и намалување на бројот на видеа во секој ред, со тоа зголемувајќи ја големината на самите сликички од видеата, YouTube ја направи видео содржината појасно одвоена, поголема и полесна за навигација. Освен што видео-сликичките физички ќе бидат поголеми, тие ќе добијат и поквалитетен забрзан приказ на содржината во видеото, кој се гледа кога со глувчето ќе се премине преку сликичката.

YouTube ова го постигнува со поголема резолуција, која ќе троши повеќе податоци на таблет уредите, па имајте го тоа во предвид, ако го користите YouTube преку мобилната мрежа.

Ќе забележите и дека сега насловите на видеата се подолги и можат подобро да го опишат она што е прикажано во самото видео. Исто така, иконите на каналот се појасни и полесно се забележуваат.

YouTube напомена дека ова е само почеток и дека многу брзо можеме да очекуваме уште повеќе промени на почетната страница.