Gateway Foundation има големи планови за лансирање на вселенско летало каде што би можеле да престојуваат научници, истражувачи, но и туристи.
За околу 6 години околу Земјата би можел да кружи првиот вселенски хотел, односно „најголемата вселенска структура која луѓето ја направиле досега“. Такви амбициозни планови има Gateway Foundation, приватна компанија која веќе ги разработи плановите и дизајнот на Von Braun Rotating Space Station.
Станува збор за вселенска станица и хотел која ќе биде наречена по Вернер Фон Браун, ракетен научник кој работеше за нацистичка Германија, а после Втората светска војна се пресели во САД и продолжи да работи на развојот на ракетната програма.
Според Тимоти Алаторе, главен архитект на вселенскиот хотел, во таа вселенска градба сакаат да направат простории за дури 450 луѓе кои што таму би спиеле, живееле, работеле и слично. Се планира дури и да се одржуваат конерти и изложби. Како и секој друг хотел, би имал кафетерии, ресторани и луѓето би можеле да се занимаваат со спортови. Секако, првенствено ќе биде наменет за научници и истражувачи, но исто така и за туристи кои што би можеле да си го дозволат да го платат тоа.
Ротациската станица би требала со намалување или зголемување на ротацијата да создава различни нивоа на вештачка гравитација. Дизајнот е инспириран од замислите на Фон Браун, но и некои други научници, како и од научно-фантастичните филмови.
„Мислам дека започна со Ѕвездени патеки и Војна на ѕвездите и концептот на голема група на луѓе кои живеат во вселената, да имаат сопствени продавници, индустрија и култура“, изјави Алаторе за space.com.
Тој додава дека вселенскиот хотел ќе биде достапен и за секој „просечен човек“ кој со „разумно штедење“ би можел да заштеди пари за патување на Von Braun Rotating Space Station каде што би можел да престојува неколку дена или седмици.
Иако сето ова изгледа преамбициозно и на границите на научната фантастика, сепак од Gateway Foundation се надеваат дека главната структура на станицата би била готова за неколку години и да ги има основните функци. Според нивните планови, целосно би можела да биде завршена во 2027-ма година, па за осум години веројатно на интернет ќе започнат резервациите за сместување во вселенскиот хотел.
Извор: Zimo.hr