Кога Google го објави Android Wear (сега наречен Wear OS), еден од првите паметни часовници што ја искористи оваа платформа беше Motorola Moto 360. Носечкиот уред многу брзо стана популарен кај фановите, поради неговиот елегантен дизајн. Исто така, ова беше и еден од првите Android паметни часовници со кружен дизајн.
Многумина беа разочарани кога Motorola во 2016 година објави дека го напушта пазарот на паметни часовници, по само две генерации на Moto 360 моделите. Сепак, за фановите на брендот сега пристигнуваат добри вести: Мото 360 се враќа.
Третата генерација на Moto 360 има рамка од нерѓосувачки челик, која пристигнува во Steel Grey, Rose Gold и Phantom Black варијанти. Уредот има поголеми рамки од неговиот претходник, а го покренува Snapdragon Wear 3100 чипсет. Присутни се 1 GB RAM меморија и 8 GB простор за складирање.
Останува да се види дали третата генерација на Мото 360 ќе го придобие делот на фановите што ги имаше порано. Паметниот часовник ќе биде достапен од декември, по цена од 350 долари.