Најголемиот светски производител на авиони „Боинг“ е обвинет од страна на членовите на американскиот Сенат за ставање на профитот пред безбедноста и за вмешаност во шема на намерно прикривање, пренесува РТ.

Извршниот директор на компанијата, Денис Муиленбург, сведочеше пред Комитетот за трговија во Сенатот за неуспехот на производителот на авиони и на регулаторите во САД да ги идентификуваат и корегираат недостатоците во дизајнот на авионот „MA37 MAX“, што доведе до две несреќи во кои загинаа 346 лица.

Тоа беше првото јавно сведочење на Муиленбург по трагичните настани што се случија на првата годишнина од несреќата на летот Lion Air 610 во Индонезија, во која загинаа 189 луѓе. Во март, по уривањето на авионот на „Етиопијан ерлајнс“ – „737 MAX“, при што загинаа 157 лица, „737 MAX“ беше приземјен во целиот свет. Муиленбург тогаш вети дека ваквите несреќи нема да се повторат. Тој призна дека фирмата направила грешки.

„Научивме од двете несреќи и ги идентификувавме промените што треба да се направат“, рече извршниот директор, кој беше принуден да се повлече од функцијата претседател на „Боинг“ на почетокот од овој месец.

Компанијата се соочи со зголемени критики за дизајнот и за процесот на сертифицирање на авионот. Федералната управа за авијација (ФАА) исто така беше критикувана поради лошиот надзор кај производителот на авиони.

„И двете несреќи можеа целосно да се избегнат“, рече сенаторот од Мисисипи, Роџер Викер.

Автоматизираниот систем за контрола во „737 MAX 8“, познат како MCAS, е идентификуван како фактор во двете несреќи. Пред сведочењето „Боинг“ им испратил пораки на пилотите, што сугерира дека пилотите на тестот знаеле за дефектите во системот, но не ги предупредиле регулаторите.

Муиленбург тврди дека не бил целосно брифиран за деталите од пораките до пред неколку недели и покрај тоа што компанијата знаела за нив пред несреќата на „Етиопија ерлајнс“.

Сенаторот на демократите од Конектикат, Ричард Блументал, остро го обвини „Боинг“ за вмешаност во шема на намерно прикривање. Тој ги обвини Муиленберг и компанијата за производство на „летечки ковчези“ поради одлуката на „Боинг“ да одлучи да го скрие MCAS од пилотите.